ЕЛКОЛЕКТ ВО МЕДИУМИ

Скапиот отпад, скап по нашето здравје


Скапо платениот модерен компјутер, телевизор, фрижидер или друг електричен или електронски уред кога ќе дотрае станува отпад, скап отпад. Не само затоа што е скапо платен, туку затоа што е токсичен.

До 50 милиони тони електричен отпад се исфрла во светот во тек на една година. Иако е тоа само околу 2% од вкупната количина на различни видови отпад од домаќинствата и компаниите, токму  отпадната електрична и електронска опрема учествува со неверојатни 70% во целокупниот токсичен отпад.

Алармантно е што електричниот отпад е најбрзо растечки вид отпад, што се должи на забрзаното темпо на зголемување на износот на отпадна електрична и електронска опрема.

Електричните и електронски апарати во својот состав содржат олово и други токсични елементи, кои предизвикуваат загадување на почвата и водата, но имаат и многу штетно влијание врз здравјето на луѓето, природните живеалишта, флората и фауната.

Многу често, граѓаните искористените електрични апарати од дома ги фрлаат каде што ќе стигнат, на улица или во природа.

На тој начин, загадувачките материи, како тешките метали, завршуваат во почвата, водата и воздухот и претставуваат ризик за здравјето на луѓето и животната средина.

Во Европската унија секоја година се продаваат од 11 до 12 милиони тони електрична и електронска опрема, што е причина за создавање големи количини на опасен отпад.

Околу 90 проценти од овој опасен отпад се фрла на депонии, се согорува или повторно се искористува без каков било претходен третман.

Старите и дотрајани уреди, компјутери, машини за перење, телевизори или друг вид електрична и електронска опрема, мора да се рециклираат, а не да завршат на депонија, во реките или езерата.

Колку сме свесни за тоа како се постапува со електричен и електронски отпад и за неговото штетно влијание врз нашето здравје и животната среднина, говори слика направена од минувач, а објавена на официјалната Facebook страница на „Елколект“.

Според  Законот за управување со отпад, електричниот и електронски отпад не смее да се меша со другите видови отпад, па доколку граѓаните го фрлаат овој вид отпад на несоодветно место, покрај контејнер, во река, или друго непрописно место, се соочуваат со казна од 60 евра.

Локацијата на најблискиот Еко-магацин до Вас можете да ја пронајдете на веб страната на Елколект

ЕЛКОЛЕКТ © 2014 Сите права се задржани