ЕЛКОЛЕКТ ВО МЕДИУМИ

Ни треба функционален систем за собирање на отпадна електрична и електронска опрема


Цената на технолошката револуција доаѓа и во форма за која многу малку се зборува, а тоа е отпадот. Неговата лавина се заканува сите да не затрупа. Светот се дави во сопствениот електронски и електричен отпад, односно во продуктите од својот развој и напредок. Во текот на минатата година, на депониите ширум светот завршило рекордно количество, односно 42 милиони тони т.н. е-отпад. Најмногу отпад генерирале токму земјите што најмногу се фалат со својата развиена еколошка свест.

Станува збор за 1.150.000 големи камиони кои, кога би ги наредиле еден зад друг, би формирале колона од 23.000 километри. Според истражувањето на Обединетите нации, само едвај една шестина од овој отпад се рециклира. За споредба, во 2013 година беа генерирани 39,8 милиони тони е-отпад, при што доколку се продолжи со ова темпо прагот од 50 милиони ќе се достигне до 2018 година.

На листата на најголеми глобални создавачи на е-отпад е Норвешка со 28,4 килограми по глава на жител. Следат Швајцарија, Исланд, Данска, Велика Британија, Холандија, Шведска, Франција, САД и Австрија. Регион со најмалку електронски отпад по глава на жител е Африка, каде има само 1,7 килограм по жител. Таму целиот континент генерира помалку од два милиони тони отпад. Во контекст на количеството, најмногу ваков вид отпад настанува во Кина и САД, вкупно 32 % од електронскиот отпад во целиот свет. Потоа следат Јапонија, Германија и Индија.

Според проценките на ОН , износот на е-отпадот ќе се зголеми од 53 милиони тони во 2012 година на 72 милиони тони во 2017 година. Годишниот износ на нов електронски отпад кој ќе се создава во светот до 2017 година, според прогнозите, ќе се зголеми за една третина во споредба со 2012 година, наведуваат во објавената анализа на ОН. Е-отпадот е дефиниран како материјал кој има батерии или приклучен кабел, може да стане голем проблем поради тоа што често пати содржи супстанции кои се штетни за луѓето и за животната средина, доколку отпадот не се третира на соодветен начин.

Од друга страна, дел од овој отпад може да се рециклира и на тој начин да донесе профит. Во вкупното количество на е-отпад во 2012 година во најголем дел придонесоа САД со 9,4 милиони тони и Кина со 7,3 милиони тони. Со анализата не била покриена белата техника, бидејќи за неа во САД постојат рециклирачки системи, но е утврдено дека во е-отпадот во САД најмногу се присутни мобилните телефони. Анализата е објавена во соработка со Институтот за технологија на американската сојузна држава Масачусетс и американскиот Национален центар за електронска рециклажа.

Во Македонија, според едно истражување, 19 % од граѓаните во земјава чуваат најмалку по еден стар телевизор, 20 % стар телефон, 22 % ладилник, 17 % од граѓаните чуваат стар електричен шпорет, а дури 33 % од нив имаат по некој стар компјутер или печатач во своите домови или визби. Состојбата станува алармантна кога се имаат предвид и податоците, дека годишно во земјава се увезуваат 33.000 тони техничка стока и околу 5.000 тони компјутерска и оптичка опрема.

Според планот на Министерството за животна средина, до 2020 година треба да се соберат годишно четири килограми електричен и електронски отпад по глава на жител. Во согласност со законските одредби, електричниот и електронскиот отпад треба да се собира на соодветни места за оваа намена определени и опремени од страна на општините. Но, општините сè уште не ја исполниле оваа своја обврска, а само околу 500 фирми, увознички или произведувачи на електрични и електронски производи, се приклучиле на системот за управување со ваков вид отпад. Од друга страна, пак, доколку граѓаните го фрлаат овој отпад на несоодветно место, покрај контејнер или во нива или река, се соочуваат со казна од 60 евра.

Фани Христовска – „Елколект“: За состојбите во оваа област кај нас, предизвиците и проблемите, „Порта 3“ разговараше со г-ѓа Фана Христовска, директор на компанијата „Елколект“, колективен постапувач со е-отпад.

Во Македонија од неодамна работат четири компании со лиценци за колективно постапување со е-отпад, кои пак обединуваат околку себе одреден број на компании увознички или произведувачи на електрични и електронски апарати, во системот за управување со овој вид отпад.

Колку успеваме да ги следиме ЕУ директивите од областа на електричниот и електронски отпад? Кои се нашите обврски како земја кандидат?

-Директивата за управување со отпадна електрична и електронска опрема е донесена во 2002 година и оттогаш претрпела неколку измени. Во Република Македонија, Законот за управување со отпадна електрична и електронска опрема е донесен во 2012 година и истиот започна со потполна имплементација од почетокот на оваа година. Се разбира дека имаме многу да работиме на ова поле, со оглед на тоа што овој е меѓу поновите закони за кои јавноста, а и самите производители сè уште не се запознати. Законот пропишува дека Република Македонија до 31 декември 2020 година треба да собира наjмалку четири килограми по глава на жител годишно отпадна опрема од домаќинствата.

Кога и кај нас трговците со ваква опрема ќе имаат обврска за постапување со старите уреди? (испорачува нов, го презема стариот уред?)

-Според Законот, обврските на трговците се следни: Трговецот е должен, при продажба на опремата за домаќинства, од крајниот корисник бесплатно да презема отпадна опрема, доколку тој сака да ја предаде. Трговецот врши преземање на отпадна опрема од домаќинства доколку се работи за опрема која по својата функција и класификација спаѓа во категориите на опрема пропишана според Законот за електрична и електронска опрема и е еднаква на продадената опрема, а бројот на парчињата на отпадна опрема е еднаков на бројот на парчиња на продадената опрема (систем еден на еден).

-Според Законот, обврските на трговците се следни: Трговецот е должен, при продажба на опремата за домаќинства, од крајниот корисник бесплатно да презема отпадна опрема, доколку тој сака да ја предаде. Трговецот врши преземање на отпадна опрема од домаќинства доколку се работи за опрема која по својата функција и класификација спаѓа во категориите на опрема пропишана според Законот за електрична и електронска опрема и е еднаква на продадената опрема, а бројот на парчињата на отпадна опрема е еднаков на бројот на парчиња на продадената опрема (систем еден на еден).

Трговецот може во договор со производителот да обезбеди преземање на отпадната опрема во места за преземање, чија работа ја обезбедува производителот што му ја добавува опремата (садовите или повеќе садови за отпадна опрема, кои се поставени во покриен простор кој е така уреден и има таква големина, отпадната опрема да не се натрупува и уредувањето на просторот да овозможува непречено преземање на отпадната опрема).

За местата за преземање, како и за собраната отпадна опрема во рамките на својот деловен простор, трговецот не треба да поседува соодветна дозвола согласно со прописите за управување со отпадот. Производителот отпадната опрема бесплатно ја презема од трговецот, а трговецот од производителот не смее да бара надоместок за преземање на отпадната опрема.

Кои активности се приоритет на „Елколект“?

-Приоритетите на „Елколект“ се воспоставување на систем за одделно собирање на отпадна електрична и електронска опрема, исполнување на националните цели за собирање на отпадна опрема и подигањето на јавната свест за штетното дејство на овој отпад доколку заврши на депониите и предностите од негово рециклирање.

-Граѓаните во Република Македонија не се доволно информирани за влијанието на овој отпад врз здравјето на луѓето и животната средина. Овој закон стапи на сила во 2012 година, а со целосна имплементација се започна во 2015 година, така што за потполна информираност сметам дека е потребно време. Нивото на свест било ниско и во другите европски држави на почетокот на донесувањето на ЕУ Директивата за електричен и електронски отпад, но тие започнале одамна, така што имале време да се запознаат со предностите од одделното собирање, третман и рециклирање на овој вид отпад и да се научат да постапуваат соодветно.

Со цел да се подигне свеста на граѓаните за одделното собирање на овој отпад и неговото влијание врз здравјето на луѓето и животната средина, „Елколект“ работи на неколку полиња. Со оглед на тоа што децата се најдобри амбасадори на нови и добри практики, „Елколект“ се вклучи како поддржувач во проектот „Е-отпадот создава можности“, спроведуван од страна на Центарот за климатски промени, а финансиран од Американската амбасада во Скопје. Улогата на „Елколект“ во овој проект е да го организира собирањето на отпадот од училиштата вклучени во овој проект ширум државата, да се погрижи отпадот да заврши на вистинското место и со него да се постапува според националното законодавство.

Паралено со овој проект, „Елколект“ учествуваше и учествува во организирање на мобилни акции за преземање на електричен отпад од домовите на граѓаните. Првата ваква акција беше организирана во Битола, а во моментот ваква акција се спроведува и на територијата на градот Скопје. Мобилната екипа која врши преземање на отпадот директно од домовите на граѓаните е на компанијата „Екоцентар 97“ со која „Елколект“ има склучено договор за соработка.

Со цел да им помогне на општините да формираат собирни места на кои граѓаните ќе може да се ослободат од отпадот во нивна непосредна близина, „Елколект“ им понуди на градоначаниците на сите 81 општина во Македонија еко-магацини. Досега, поставени се 12 еко-магацини, а „Елколект“ планира да продолжи со оваа акција и на тој начин да го доближи системот за одделно собирање на овој вид отпад до сите граѓани во РМ. Поставувањето на еко-магацините ќе биде проследено со промотивен материјал за подигање на јавната свест.

Често можеме да прочитаме дека развиените земји печалат вистинско богатство од отпадот, особено од електронскиот и електричниот отпад каде има многу вредни метали. Дали се рециклира кај нас и во колкав обем? Колкав е по ваша проценка потенцијалот на македонската економија од рециклирањето односно повторното користење на материјалите вградени во овие уреди?

-Во Република Македонија нема рециклирачки капацитети од обем за кој зборувате. Во моментот во државата работат неколку лиценцирани компании кои вршат складирање и третман на отпад, што подразбира примарна селекција и расклопување на отпадот. Сметам дека е прерано да се зборува за рециклирачки капацитети затоа што за ваквите капацитети да работат и заработат потребна е суровина (електричен и електронски отпад). Со оглед на тоа што нивото на јавната свест е ниска, количините на собран отпад се мали, што значи дека сè уште не е исплатливо да се вложат големи инвестиции за изградба на вакви капацитети. Воедно, Република Македонија е мала и сè уште држава во развој, па не може ниту да се очекува создавање на големи количини отпад, кои би се користеле како ресурс.

Дали се свесни креаторите на политики кај нас за значењето на оваа проблематика и колку таа се третира на ниво на локални самоуправи, компании и сл.?

-Министерството за животна средина и просторно планирање како изготвувач на Законот, ја увиде потребата од негово донесување, но за негово потполно спроведување потребни се финансиски средства кои треба да бидат обезбедени од страна на општините. Општините се тие што се одговорни за воспоставување на собирни центри, и тоа еден на 30.000 жители. Ова се огромни инвестиции кои тие во овој момент ги немаат. Дополнително, овој Закон е трет од ваков вид, после Законот за пакување и батерии и акумулатори, кој е на товар на компаниите производители.

Каква е Вашата соработка со странски консултанти и здруженија, и колку често организирате работилници и други настани?

-„Елколект“ има соработка со странски консултанти и здруженија кои дејствуваат на исто поле во насока на размена на искуства за постапување со отпадна опрема. Размената на информации и искуства е многу важна за нас, бидејќи ни помага во исполнувањето на секојдневните задачи и во спроведувањето на законот. „Елколект“ како колективен постапувач со отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори (за што доби дозвола во ноември 2015 година) ќе продолжи да дејствува на полето на администрирање на системот за управување со овие два посебни текови на отпад. Една единствена цел на компанијата е воспоставување на функционален систем кој е близок до граѓаните и е на услуга на граѓаните.

ЕЛКОЛЕКТ © 2014 Сите права се задржани