ЕЛКОЛЕКТ ВО МЕДИУМИ

СТАРИТЕ ФРИЖИДЕРИ НА РЕЦИКЛИРАЊЕ, А НЕ НА ДЕПОНИЈА


Ако се фрлат во природа, тешките метали од отпадните апарати завршуваат во почвата, водата и воздухот

Стари компјутери, машини за перење или телевизори мора да се рециклираат, а не да завршат на депонија, во реките или езерата. Третманот на електронскиот и електричниот отпад во нашата земја е во зачеток, иако количините кои се создаваат секоја година не се занемарливи.

Во моментов околу 90 проценти од овој опасен отпад се фрла на депонии, се согорува или повторно се искористува без каков било претходен третман. Многу често, граѓаните искористените електрични апарати од дома ги фрлаат каде што ќе стигнат, на улица или во природа. На тој начин, загадувачките материи, како тешките метали, завршуваат во почвата, водата и воздухот и претставуваат ризик за здравјето на луѓето и животната средина. Во Европската унија секоја година се продаваат од 11 до 12 милиони тони електрична и електронска опрема, што е причина за создавање големи количини на отпад.

Законот за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, кој е донесен пред две години, предвидува обврски за секој производител, увозник, трговец со електрични апарати, како и за општините и за домаќинствата. Досега се лиценцирани четири фирми, „Елколект“, „Нула отпад“, „Електро еко систем“ и „Екон електрон“, како колективни постапувачи, кои ќе имаат обврска да соработуваат со сите производители и трговци со апарати, да го собираат сиот отпад што ќе им го остават граѓаните и фирмите и да го испратат на рециклирање.

Најголемиот дел од старите апарати можат да се реупотребат како суровина, бидејќи содржат различни метали, дури и злато. Деловите кои се неупотребливи треба соодветно да се уништат без да ја загадат околината.

Компанијата „Елколект“ досега има воспоставено околу 80 собирни места низ државата, најчесто во продавниците на производителите кои се дел од нејзината мрежа или кај трговците кои продаваат нивни производи.

Собраната отпадна електрична и електронска опрема ја преземаат компании кои поседуваат дозвола за складирање и третман на овој отпад. Тука се врши примарен третман, а потоа отпадот се пренесува во компании лиценцирани за преработка, рециклирање, инцинерација на отпадот“, вели Фана Христовска, управителка на „Елколект“.

Целта на прописите е Македонија до крајот на 2020 година да собира по жител најмалку 4 килограми годишно отпадна опрема од домаќинствата.

Проблемот е што во моментов нема доволно локации каде што овој отпад може да се однесе и да се остави. Засега функционираат само собирни места на производители или поголеми трговци со апарати за домаќинство. Граѓаните можат да донесат стара машина за перење или компјутер во продавницата каде што купуваат нови. Но, обврска да воспостават локации за овој отпад имаат и општините. Таму граѓаните ќе може да ги складираат старите апарати кои им лежат по подрумите и гаражите со години. Такви локации засега има само во Скопје, во рециклажниот двор на „Комунална хигиена“ во близина на спортската сала „Борис Трајковски“.

Според најавите на Министерството за животна средина, системи за одлагање електричен и електронски отпад се градат и во Охрид и во Кочани. Иако законот наложува обврска за секоја локална самоуправа, а предвидува и казни, жителите на другите градови засега немаат можност на правилен начин да го исфрлат електронскиот и електричниот отпад.

Во „Елколект“ велат дека се подготвени да му помогнат на секој градоначалник кој ќе пројави интерес, со тоа што ќе обезбедат собирни места каде што граѓаните ќе може бесплатно да ја остават отпадната опрема за да се спречи нејзиното негативно влијание врз здравјето на луѓето и животната средина.

Во Министерството за животна средина очекуваат идната година, кога ќе почне да функционира мрежата на четирите фирми, да се отворат собирни центри во сите градови. Во нив секој граѓанин, без разлика дали купува нов апарат или не, треба да го однесе и бесплатно да го остави стариот. Законот предвидува еден собирен центар на 30.000 граѓани.

„За несоодветно одлагање на електричен и електронски отпад законот предвидува глоба за сите, граѓаните, трговците, производителите... Министерството во идниот период ќе работи на кампања за подигнување на јавната свест, за да се воспостави одржлив систем на управување со овој вид отпад“, велат во Министерството.

Водич за електронски отпад

l Електрична и електронска опрема што граѓаните не смеат да ја фрлаат на депонија се големите и малите апарати за домаќинство, како машини за перење, фрижидери, шпорети, микробранови печки, миксери, блендери...

l Во овој вид отпад спаѓа и опремата за информатичка технологија и телекомуникација, како компјутери, монитори, лаптопи, телефони, таблети. Опрема за широка потрошувачка и забавна електроника - телевизори, музички системи, апарати за сликање, потоа опрема за осветлување, како и електричните и електронските играчки за деца и опремата за забава и спорт.

Каде да се однесат старите апарати

l Купувајте нови апарати во продавници каде што на видно место е истакнато дека тие ќе се погрижат за вашиот отпад, дека имаат склучено договор со еден од колективните постапувачи кои старите апарати ќе ги дадат на рециклирање и каде што ќе видите обележани канти за оставање на отпадот.

l Граѓаните можат да се договорат со продавачот при доставата на новиот апарат бесплатно да се транспортира стариот во нивниот склад. Законот предвидува замена по принципот „едно за едно“ и тоа од ист вид, на пример, ако купувате еден фрижидер може да вратите еден фрижидер.

l Бидејќи засега општините немаат обезбедени локации каде ќе може да се остават стари апарати без да се купува нов, граѓаните може да ги однесат на отпад, но претходно да се информираат дали отпадот има склучено договор со некоја од фирмите кои ќе се погрижат апаратите да заминат на рециклирање.

ЕЛКОЛЕКТ © 2014 Сите права се задржани